Придобивки за студентите од практиканството


Најпрво би сакала малку подетално да ве информирам за тоа што е практиканство и кои страни се вклучени во практиканството.

Според законот за практиканство “практиканството” е работна активност којашто вклучува компонента на работа преку учење и здобивање на практични работни вештини, која се реализира во ограничен временски период, со цел стекнување на практично и професионално искуство, за да се подобри вработливоста и да се помогне преминот кон редовно вработување.

Особено важно е да напоменеме дека под поимот “практиканство” не се подразбира вршење на приправнички стаж, волонтерски стаж и пробна работа согласно Законот за работните односи, како и обука, преквалификација и доквалификација согласно со Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност.

Практикантската работа подразбира ограничен период поминат на пракса на практикант кај одреден работодавач, при што практикант може да е секое физичко лице кое врши практикантска работа кај работодавач со цел да се стекне со практични знаења и вештини што ќе му помогнат да ја подобри вработливоста на пазарот на трудот, кое е државјанин на Македонија и кое ги исполнува условите утврдени со овој закон, додека работодавач подразбира правно или физичко лице, како и друг субјект (орган на државна власт, орган на единица на локална самоуправа, подружница на странско друштво, дипломатско и конзуларно претставништво), кој вработува работници врз основа на договор за вработување.
Важна улога во практиканството игра менторот- лице вработено кај работодавачот кое е задолжено за организирање на практикантската работа и следење на напредокот на практикантот и кое го осигура остварувањето на целите за учење за време на практикантската работа.  

Еве неколку придобивки за студентите од посетување пракса:


●        Со самата пракса, практикантите го добиваат потребното искуство кое ќе ги направи посилни во нивната професија додека студираат.

●        Работна етика ќе се зголеми, и тие ќе бидат самоуверени во своите способности и знаење.
●        Менаџирање на времето, дисциплината, комуникациските вештини, тимската работа се вештините кои се многу важни и кои теоретското знаење неможе да ги даде. Со тоа стануваат поконкурентни на пазарот на трудот и полесно можат да најдат работа.
●        Развивање на способноста да се донесат одлуки под различни услови, но секогаш базирани на логика и критичко размислување.

Топло им препорачувам на сите студенти да бидат позаинтересирани и да инвестираат дел од своето време за да одат на пракса и добијат со практично знаење за тоа за што теоретски се образуваат за време на студирањето. Праксата ќе им овозможи тоа што теоретски го учат да можат веднаш практично да го применат и со тоа да ја зголемат својата вредност на пазарот на трудот.

Нема што да изгубите (освен дел од вашето време), а ќе добиете многу и ќе си ја зголемите вашата вредност на пазарот на трудот !
Ве поздравува вашата блогерка м-р Јасна Весиќ.

Bintern е првата македонска платформа која ги поврзува студентите и дипломците со компаниите за пракса и вработување.
Регистрирајте се веднаш на bintern.com