Работодавачот Никола за практикантските програми

Денес ќе разговараме со Никола Николов, консултант во 42Dynamics, кој ќе ни одговори на прашањата околу соработката со Bintern, колку се задоволни од нашите услуги и зошто е важна практикантската работа за секоја компанија.

1. Најпрво претставете ни се вие и вашата компанија…

42Dynamics е млада компанија со специфичен фокус на работа со Microsoft Dynamics 365 Finance and Operations – примарно развој и анализа. Се трудиме на нашите клиенти да им обезбедиме квалитетна услуга и да бидеме посветени партнери.

2. Зошто вашата компанија е идеално место за пракса/работа?

Искрено се трудиме да обезбедиме едукација и менторство на младите кадри но и две различни „фази“ кога започнуваат да работат со нас – едукација и практична работа со директна помош и надзор на ментор. Не сме голема компанија но на тоа гледаме како на предност – комуникацијата е поедноставна, обврските се јасни и поддршката од менторите е обезбедена и директна. Понатаму, акцент ставаме на либералниот начин на однесување и комуникација.

3. Како дознавте и зошто одлучивте да бидете дел од платформата bintern.com?

За Бинтерн дознавме преку интернет огласувањето и постовите на социјалните мрежи. Првенствено се одлучивме да бидеме дел од мрежата на Бинтерн „за проба“ но потоа беше организиран и саемот кој што за нас беше во вистински момент.

4. Опишете ни го вашето искуство од соработката со Bintern...

Очигледна е грижата што Бинтерн ја има за компаниите со кои што соработуваат. Прашањата и малите технички проблеми што ги имавме беа уредно и благовремено одговорени и решени што не е секогаш случај со услугите на нашиот пазар. Бинтерн очигледно се труди и да го зголеми бројот на „кандидати“ што исто така е голем плус.

5. Како изгледа практикантството во вашата компанија?

Ние имаме помалку атипичен процес што трае подолго што веројатно е директна последица од специфичностите на технологијата со која што работиме. Нашата платена пракса започнува со едукациски период проследена со соодветна сертификација по што следува период на практична работа. По завршувањето на праксата, повеќето кандидати добиваат понуда за вработување.

6. Што би им препорачале на компаниите околу практикантските програми?

Продолжете како што сте започнале.


Bintern е првата македонска платформа која ги поврзува студентите и дипломците со компаниите за праска и вработување. Регистрирајте се веднаш на bintern.com.