Однесување при првото вработување


Замислете дека денес е вашиот прв работен ден. Сигурно се чувствувате возбудено, но и малку уплашено. Ве плаши помислата дали и како ќе ве прифати вашиот работодавач и другите вработени во фирмата каде го почнувате вашето професионално патување. И јас се чувствував како вас пред да пристигнам на мојата прва станица од моето професионално патување. Различни прашања се моткаа низ мојата глава. Мојот личен процесор (мојот ум) работеше со полна пареа. Дали сум соодветно облечена, дали ќе оставам добар прв впечаток , дали ќе зрачам со самодоверба….

Бидејќи знам колку конфузно се чувствува секој почетник кој запливува во океанот на работно-професионалните задачи, сакам да споделам со вас 10 совети за соодветно однесување на работното место кои верувам ќе ви бидат од голема корист.


1.Облекувајте се уредно и соодветно за работа: Ако тоа е униформа, нека биде секогаш чиста и уредна; облеката не смее да ви пречи или да го одзема вашето или вниманието на другите. 

2.Бидете точни: Редовноста и точноста се многу важни за задржување на работното место. Известете го претпоставениот ако треба да задоцните.

3.Добро организирајте го времето: Концентрирајте се на својата работа во работното време; следете ги паузите. 

4.Зборувајте со колегите позитивно и со почит: Секој поединец сака да биде во близина на луѓе кои користат позитивна комуникација. Секогаш треба да се трудите да бидете позитивно настроени во комуникацијата со работодавачот и со колегите . Кога се комуницира општо правило е да се почитува соговорникот , па во контекст на ова ќе додадам дека задолжително е во комуникацијата со луѓето од вашето работно опкружување да се однесување со почит.

5.Бидете чесни: Ако сте чесни, колегите ќе ве почитуваат. Со личен  пример покажете што значи да се биде чесен.


6.Дискутирајте само за работи поврзани со работата: Не носете ги приватните проблеми на работа и не дозволувајте тие да влијаат на вашата работа или на односот со другите. Избегнувајте теми или коментари кои би направиле другите да се чувствуваат непријатно.Никој не е должен да игра улога на ваш личен психотерапевт!

7.Останете позитивни: Не се жалете и не вовлекувајте се во негативни дискусии за работата. Подобро, пристапувајте им на проблемите позитивно и размислувајте како да помогнете да се подобри ситуацијата.

8.Почитувајте ги другите и околината: Грижете се за опремата, враќајте ги предметите на место, одржувајте ја околината чиста. Секој треба сам да си го средува својот неред , а не да чекате друг да исчисти после вас.

9.Бидете тимски играч: Учествувајте проактивно и со внимание и слушајте ги туѓите идеи. Ефектот на синергија најдобро се рефлектира преку тимската работа.

10.Верувајте во себе и во она што го работите: Ако сте позитивни за вашата работа и за тоа како ја работите, тоа ќе ви помогне да успеете и да ги постигнете своите цели.

Ве поздравува вашата блогерка м-р Јасна Весиќ.

Bintern платформа која ги поврзува студентите и дипломците со компаниите за пракса и работа. Регистрирајте се веднаш на bintern.com