Дигитален маркетер како кариера


Дигитализацијата стана дел од нашето секојдневие. Социјалните медиуми преку апликациите кои секојдневно ги употребуваме на нашите смарт телефони, се само дел од новата реалност во нашите животи. Facebook, Viber, Instagram, Twitter, Snapchat, и уште многу други се само дел од нашето дигитално живеење. Секој од нас дел од денот го поминува на социјалните мрежи каде активно следи што се случува со пријателите,колегите и општо со секојдневието на луѓето како во приватниот така и во деловниот живот. Дигитализацијата стана неизбежен дел од секоја компанија како од функционален аспект така и од маркетиншки аспект. Секоја компанија која сака да биде присутна во свеста на луѓето и да има препознатлив бренд мора да биде дел од маркетинг заедницата која “живее” на социјалните медиуми.

Дигиталниот маркетинг се занимава со создавање онлајн стратегија со цел брендирање и подобрување на видливоста на компанијата на интернет. Овој вид на маркертинг се однесува на огласување преку дигитални канали,  како што се:пребарувачи,интернет страници,социјални мрежи, електронска пошта, мобилни апликации.

Дигиталниот маркетинг е насочен кон поединечен пристап, па неопходно е да се следат трендовите и да се направи негово прилагодување. На пример, Google како најголем пребарувач се повеќе ги прилагодува своите алгоритми за да може на секој корисник да му пружи единствен пристап.

Овој вид на маркетинг има за цел да ја зголеми вредноста на компанијата (производите и услугите), а со тоа и да овозможи пораст на продажбата. Поради индивидуалниот пристап, се обезбедува и поголема лојалност од страна на клиентите и олеснет начин на комуникација со нив. Бидејќи голем е бројот на луѓе кои по неколку часа во текот на денот поминуваат пред компјутер, таблет или мобилен телефон, што ги прави лесно достапни за сите оние кои сакаат да допрат до своите потрошувачи.

Дигиталниот маркетинг ја задржува истата филозофија што ја застапува и традиционалниот маркетинг, само што ја користи моќта на дигиталниот свет и големиот број на корисници. Поради тоа вложувањата во дигиталниот маркетинг не се премногу големи, но затоа резултатите се лесно мерливи. Кажано со еден збор дигиталниот маркетинг не е само огласување на интернет и промоција на дигиталните медиуми, туку дигиталниот маркетинг е маркетинг филозофија која има за цел зголемена продажба, остварување профит, одржливост на пазарот, создавање конкурентска предност и градење долгорочни односи со потрошувачите.

Сакам со вас да споделам 7 причини зошто треба да почнете да учите дигитален маркетинг. Ќе започнам со одбројувањето.

Причина 1: Растот на побарувачката за дигитални маркетери е огромна

Дигиталниот маркетинг е гранка која е подложена на константна промена и со самото тоа расте и побарувачката за дигитални маркетери.  Дел од ова се должи на фактот дека оваа индустрија опфаќа раководење со платформи што не ни постоеа до пред една декада, а дел се должи на новите технолошки иновации, како вештачката интелигенција и самата достапност на интернет што е овозможена до речиси секој жител на планетата.

Според статистиката на LinkedIn, професиите во дигиталниот маркетинг се најдоа во топ 10 професии за 2021.

Причина 2: Има огромен избор за специјализации

Дигиталниот маркетинг како гранка има многу специјализации. Едните се фокусираат повеќе на аналитичкиот дел, други се фокусираат на креативниот. Има и специјализации што се комбинација од двете. Најпознатите специјализации во дигитален маркетинг се SEO експерт, менаџер на социјални медиуми, стратег за дигитален маркетинг, и експерт за Social Selling.

Причина 3: Нуди опции за соло работење

За работа како дигитален маркетер, не е задолжитено да одиш во канцеларија од 8 до 16ч. Самата онлајн природа на дигиталниот маркетинг овозможува работење од дома како фриленсер или пак започнување на сопствен онлајн бизнис. Дали тоа ќе е YouTube канал, Amazon подружница, или е-трговија – можностите за заработка од дигиталниот маркетинг се неограничени.

Причина 4: Платите за дигитални маркетери се одлични

Побарувачката за дигитални маркетери е речиси секогаш над понудата на спремен кадар. Ова е бидејќи формалната едукација не ги едуцира доволно студентите за да работат дигитален маркетинг, а дел е што компаниите допрва сфаќаат дека не можат без департман за дигитален маркетинг. Со самото тоа, колку повеќе дигитални вештини имаш, толку поголема е побарувачката за тебе, а со тоа и платата расте пропорционално.

Причина 5: Кариерата во дигитален маркетинг е флексибилна

Со оглед на фактот дека секоја компанија од секоја индустрија има потреба од дигитален маркетер, знаењето во дигитален маркетинг е универзално и може да се употреби во било кој бизнис. За да почнеш да работиш во било која индустрија потребна ти е само подготовка – другото е се базирано на твоите дигитални вештини.

Причина 6: Кариерата во дигитален маркетинг бара креативност

Дигиталниот маркетинг не е анализа на бројки по цел ден и давање проекции за наредниот квартал. Креативноста е исто толку важен дел како и аналитичноста – дигиталниот маркетинг изискува креативност за се’ – пишување блогови и постови на социјални медиуми, графички дизајни, видео едитирање…

Во оваа динамична околина, креативноста е задолжителна за да се истакне брендот. Дигиталниот маркетинг е одличен избор за креативците!

Причина 7: Сертификација во дигитален маркетинг ти ги отвора вратите кон светот

Секој може да поднаучи дел од дигитален маркетинг со упорност и знаење каде да се пребарува. Посетување на било каков курс е исто како и пребарување за нешто на Google. Но таков не е случајот кога на крајот од курсот добиваш глобално признат сертификат.

Ваков сертификат за дигитален маркетинг, ќе ти ги отвори вратите кон светот и ќе ти овозможи да ја развиваш кариерата во странство.

Се надевам дека ви доловив една целосна перцепција за поимот дигитален маркетинг и добивте замисла за тоа што треба да работи еден дигитален маркетер. Истражете подетално и размислете дали ова е професија за вас!

Ве поздравува вашата блогерка м-р Јасна Весиќ.